Македонското МНР ја информираше Грција за исполнетите обврски од Договорот од Преспа
Министерството за надворешни работи денеска соопшти дека на шефот на Канцеларијата за врски на Грција во Македонија, му била предадена Вербална нота со која се информира Грција дека Македонија ги исполнила обврските од Договорот од Преспа.
"Согласно членот 20 став 3 од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) И 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните (Конечната спогодба), се информира грчката страна дека во Република Македонија се исполнети внатрешно правните услови за влегување во сила на Конечната спогодба и дека Собранието на Република Македонија на 11 јануари 2019 г. ја усвои Oдлуката за прогласување на амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV, XXXVI на Уставот на Република Македонија и Одлуката за прогласување на уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија", се вели во соопштението на МНР.