Папата Франциск денеска вети дека Римокатоличката црква „веќе никогаш“ нема да ги заташкува случаите на сексуално злоставување и побара од свештениците кои силувале и малтретирале деца сами да се пријават. Своето божиќно обраќање пред ватиканската бирократија, Папата му го посвети на злоставувањето, што е доказ дека сите откритија кои ова година излегоа во јавност го потресоа неговиот понтификат и доведоа до криза во католичката хиерархија. Тој призна дека црквата во минатото не се занимавала сериозно со тие проблеми, но вети дека во иднина нема да ги затскриваат или отфрлаат случаите и дека „ќе направи сè што може“ за педофилите да се соочат со правдата.
Папата ги повика жртвите да истапат и им испрати предупредување на злоставувачите.
„Променете се и предајте му се на световното правосудство, и спремете се за божјата правда“, наведе Папата Франциск.