Протест во Белград под слоганот „Ајде да се преброиме“
Во Белград и покрај снежното време, повеќе илјади граѓани одржаа синоќа протест против актуелната власт на претседателот Александар Вучиќ, под називот „Ајде да се преброиме“, по минатонеделниот протест кој беше под слоганот „Стоп на крвавите кошули“.
Од собирот кој помина без инциденти, граѓаните најавија дека ќе истраат во борбата за победа и дека, како што го победија поранешниот претседател на СРЈ, Слободан Милошевиќ, така ќе го победат и српскиот претседател Александар Вучиќ.
На граѓаните им се обрати академикот Душан Теодоровиќ, кој рече дека нема фер избори, додека Вучиќ е пет часа дневно на телевизија, како и се додека не се средат избирачките списоци. По него зборуваше актерот Тихомир Станиќ. Меѓу граѓаните беа и претставници на опозициските партии Вук Јеремиќ, Драган Ѓилас, Борко Стефановиќ, Јанко Веселиновиќ, Милош Јовановиќ, Бошко Обрадовиќ.