Собраниската седница за уставните измени продолжува во 21 часот
Пленарната собраниска седница на која треба на дневен ред е пристапувањето кон уставните измени поврзани со Договорот од Преспа ќе продолжи вечерва во 21 часот, им соопштија на новинарите во Собранието од службите во кабинетот на претседателот на парламентот Талат Џафери.
Седницата првично беше закажана за во 12 часот, па потоа за во 15 часот, за сега да биде соопштено дека ќе продолжи вечерва.
Претходно ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение наведе дека согласно член 68 став 4 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, “седницата на Собранието трае од 11 до 18 часот освен ако со писмо Претседателот на Собранието не одлучи поинаку”.
“До овој момент, 18:30, немаме никакво известување и се смета дека денешната седница е завршена”, наведуваат од партијата.
Во соопштение пишуваат и дека пратеничката група апелирала до надлежните институции, особено до ЈО, да ги испитаат наводите изнесени во повеќе медиуми во текот на денот дека врз неколку пратеници во Собранието бил вршен притисок и дека преку уцени, закани или понуди за поткуп се влијаело врз нивната одлука за гласањето во однос на Уставните измени.