Судењето на Јанкулоска во „Тенк“ продолжува утре со сослушување сведоци
Раздвоената постапка против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинтелство за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра, продолжува утре со сослушување на сведоци.
Специјалниот јавен обвинител Стефчо Донев, во воведен говор на денешното рочиште, наведе дека Јанкулоска сторила злоупотреба на службената положба и овластување.
Јанкулоска, во воведен говор пред Судот, наведе дека иако постапката се одвива во сложени услови, како издвоена од предмет за кој веќе има донесена одлука, сепак ќе ги побијат тврдењата дека со набавката се исполнувани нечии „лични желби“ и ќе докажат дека набавката е согласно стандардите за работа на Министерството.
За овој случај веќе е осуден поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор, а поранешниот премиер Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото е осуден на две години затвор.