Димитров од идниот четврток директно ќе им одговара на граѓаните за Договорот со Грција
Димитров рече дека се уште не знае колку ќе чини организирањето на референдумот, но поважно од тоа, рече, е на граѓаните да им се објаснат основните елементи и придобивките од потпишаниот Договор со Грција.
“Моја должност е да направам се што можам да го објаснам и да им објаснам на граѓаните, зашто пред нас е една историска раскрсница, а одлуката е наша. Зашто влогот е огромен, пред нас е многу одговорна одлука - каде сакаме да ни биде Македонија во следниот период”, истакна Димитров.
Повтори дека со прифаќањето на Договорот, името на државата ќе биде Република Северна Македонија, за што ќе треба да се отвори Уставот, државјанството ќе гласи: македонско/граѓанин на Северна Македонија, химната останува непроменета, јазикот останува македонски.
Во врска со разликите што за ова прашање ги има ВМРО-ДПМНЕ, Димитров рече дека не се работи за прашање на ниедна партија, ниту е прашање на Владата, туку е прашање за иднината на државата, нејзиното зачленување во НАТО, почеток на преговори со ЕУ ми останување на младите во државата.
За ставот на Русија кон аспирациите на Македонија за влез во НАТО и дали имало руско влијание да не успее тој процес, Димитров одговори дека според изјавите што стигнуваат оттаму, политичкиот став е јасен.
Определбата за НАТО е трасирана, рече, со Декларацијата во Собранието од 1993 година и пристапувањето во тој сојуз е начин да се извлечеме, како што рече, од џебовите на несигурност на Балканот.
“Тоа не е чин против Руската Федерација. Ние имаме блиски култури, се цениме едни со други, ние сме многу помал народ, сеедно. Но ова е наша одлука, одлука на нашиот народ. Огромен дел од нашите граѓани сакаат Македонија да влезе во НАТО и наша обврска е тоа да го испорачаме”, истакна Димитров.