Парите за прославата за НАТО- причина за расправија меѓу власта и опозицијата
Прославата „Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ” е спроведена законски, со почитување на принципот на конкуренција и во транспарентна постапка. Владата објави целосен извештај со вкупните трошоци, реализирани во законска и транспарентна постапка, соопшти Владата отфрлајќи ги како неточни тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека се прекршени тендерските постапки за што денеска на прес-конференција зборуваше нејзиниот портпарол Димче Арсовски.
Во реакцијата Владата наведува дека постапката е реализирана согласно член 17 став 1 алинеја 2 од Законот за јавни набавки, за услуги за коишто законот дозволува, поради краткиот временски период да се испратат покани до неколку економски оператори. Наведува дека за двете спроведени постапки се испратени покани до три економски оператори и операторите доставиле понуди.
Како што претходно информираше за целосниот извештај за прославата „Одиме напред - Македонија во НАТО и ЕУ, вкупните трошоци за сите настани во 15 градови во Македонија, со сите ставки изнесуваат околу 180.000 евра, реализирани во законска и транспарентна постапка.
Претходно ВМРО-ДПМНЕ обвини за “милион скандалозни постапки во однос на организацијата и трошењето на парите на граѓаните” за прославата за НАТО што ја организираше владата минатиот месец. Димче Арсовски,портпарол на опозициската партија на прес конференција праша како владата доделила 40 илјади евра повеќе од соопштеното во како што рече “сомнителна постапка за пропадната прослава за НАТО”.
“Како е можно ваква постапка каде што се трошат огромен број пари на граѓаните да се спроведе за само еден ден и без притоа да се остави можност да конкурира кој сака и кој е заинтересиран? И доколку е итна постапката зошто владата не ја спровела постапката согласно член 99 од законот за јавни набавки која повикува на итни постапки за тендери?
Очигледно е дека сите сомнежи упатуваат на тоа дека тендерските постапки можеби однапред биле договорени за кои блиски фирми на СДСМ ќе бидат наменети” рече Арсовски и го повика Јавното обвинителство да реагира.