Осуди за изјавата на Вучиќ, кој ги спореди Хрватска и Нацистичка Германија
Хрватската владејачка партија ХДЗ (Хрватска демократска заедница) и најголемата опозициска партија СДП (Социјалдемократската партија) ја осудија изјавата на претседателот на Србија Александар Вучиќ дадена по повод одбележувањето на годишнината од хрватската воено-полициска операција Олуја од 1995 година.
Вучиќ синоќа во Бачка Паланка, на собирот по повод Денот на сеќавање на настраданите и избегани Срби, рече дека „Хитлер сакал свет без Евреи“, а дека „Хрватска и нејзината политика сакале Хрватска без Срби“. Тој рече дека на 4 август, на истиот датум кога во 1995 година почна операцијата Олуја, нацистите во 1944 година провалиле во скривалиштето на еврејското девојче Ана Франк, која подоцна настрадала во концентрационен логор, оценувајќи дека тоа не е случајно.
Шефот на пратеничката група на ХДЗ во хрватскиот Сабор, Бранко Бачиќ, рече дека изјавата на Вучиќ со која ја спореди Хрватска со Нацистичка Германија „не придонесува за добри односи меѓу Србија и Хрватска“ и оцени дека тоа е „историска лага“, зашто се поврзува хрватската „одбранбена, ослободителна и праведна војна“ со агресорска војна. Тој вели дека Хрватите „имало право да ослободат голем дел од земјата“.
Претседателот на СДП, Давор Бернардиќ, денеска во Книн, на централната прослава на одбележувањето на Олуја, рече дека единствена цел на националистичката реторика е да ги дига националистичките тензии додека Хрватите си одат од Хрватска, а Србите од Србија.