Хан ветува зелено светло за преговори за Македонија и Албанија
Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во интервју за Радио Слободна Европа вели дека се надева оти скринингот за Македонија и за Албанија ќе почне уште денеска бидејќи, како што вели, сега на нив како на комисија е да подготват се за отворање на преговорите, а вчерашната одлука го отворила патот за тоа.
“Советот за надворешни работи прими до знаење дека ние како Европска комисија веднаш ќе почнеме да подготвуваме се за тоа што всушност го претставува фамозниот скрининг процес ” вели Хан.
На прашањето дали скринингот може да почне веднаш за двете земји за сите поглавја Хан одговара потврдно, наведувајќи дека тој подразбира да се истражат различните тематски области од тие 33 поглавја и каде се земјите во однос со европските. Врз основа на тоа, вели еврокомесарот, ќе направат предлог за таканаречени почетни мерки, кои потоа повторно мора да бидат договорени со земјите членки како основа за преговори во различните поглавја.
Одговарајќи на прашањето за разочараноста во Македонија и во Албанија од одложувањето на датумот за почеток на преговорите, еврокомесарот вели дека “треба да се гледа суштината, а не само тоа за што во моментов нема согласност, туку што треба да се направи”.
“Ние имаме обврски да почнеме со подготовките, се надевам дека нема да губиме време, нема причина да ја чекаме есента да почнеме со работа бидејќи има уште време за работа пред летната пауза и тоа е јасна порака- треба да почнеме со подготовки за отворање на преговорите. Има индиции дека тоа може да се случи во јуни следната година и дека следната година ќе ги отвориме првите поглавја” вели Хан.
Хан, чиј мандат како комесар за проширување истекува во 2019 година, на прашањето како може да осигура дека тоа навистина ќе се случи поради промената во Брисел, вели дека тоа се преговори меѓу институциите.
“Сакам да го доведам до крај тоа што го почнав на почетокот на мандатот и да се добие зелено светло за време на мојот мандат. Всушност за се што вложив многу сум мотивиран тоа да го направам” вели Хан кој на прашањето дали ветува оти ќе даде зелено светло пред да замине од позицијата кратко одговара со “да”.