Коѕијас утре ќе ги прати писмата до ЕУ и НАТО
Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас за денеска најави дека ќе ги потпише, а утре наутро ќе ги испрати писмата до ЕУ и НАТО, дека Грција нема да се противи за европска и евро-атлантска интеграција на Македонија, што е исполнување на нејзинот дел од обврските од Договорот за решавање на спорот за името.
Како што јави од МИА од Атина, Коѕијас говорејќи пред новинарите на крајот од конференција на грчкиот остров Родос во петокот, потврди дека ја добил нотата од македонското МНР дека Договорот е ратификуван.
"Во мојата дипломатска канцеларија ги имаме од завчера подготвени писмата. Одбрав да ги потпишам самиот во Брисел во недела за во понеделник наутро да се достават до Европската унија и НАТО. Тоа се писма кои велат дека бев известен од другата страна за ратификацијата на Договорот во Собранието и дека врз основа на обврските и предусловите кои ги имам поставено, може да продолжат напред, рече Коѕијас.
Тој објасни дека за да има напредок „потребен е позитивен договор на Советот за општи работи, а таму постојат тешкотии“, бидејќи, како што рече, има земји што се спротивставуваат во овој момент да се даде датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ.
Министерот за надворешни работи на Грција објасни дека проширувањето на ЕУ со Македонија и Албанија ќе се разгледува во понеделник наутро.
Советот на ЕУ за општи работи утре и во вторник ќе разгледува почеток на пристапни преговори на Албанија и на Македонија, а во четврток и петок е состанокот на шефови на држави и влади на членките на Унијата