Избори во Турција, на тест моќта на Ердоган
Ердоган во април објави дека претседателските и парламентарните избори ќе се одржат на 24 јуни, 17 месеци порано од планираното, што е потег оценет како обид тој да ја зацврсти својата власт. Според уставните амандмани одобрени по контроверзниот референдум во 2017 година, Турција прави транзиција од парламентарен кон претседателски систем , давајќи му повеќе овластувања на претседателот. Измените ќе стапат на сила по изборите.
Сепак, Ердоган и неговата владејачка партија би можеле да се соочат со посилна конкуренција од првично очекуваното. Анкетите покажуваат дека претседателските избори би можеле да влезат во вториот круг од изборите на 8-ми јули и дека Партијата за правда и развој (АКП) би можела да го загуби своето парламентарно мнозинство по 16 години. Водечкиот противкандидат на Ердоган е Мухарем Инче од главната опозициска Републиканска народна партија, секуларистичка групација. Лидерот на Републиканската народна партија е поддржан од новоформираната Национална алијанса, која заедно со секуларните социјалдемократи, вклучува конзервативци од десниот центар, националистички либерални конзервативци и конзервативни исламисти.