Спасовски: Македонија е против бегалски кампови на нејзина територија
По состанокот на министрите за внатрешни работи од земјите на Западниот Балкан со нивните бугарски и австрики колеги, како и еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос, македонскиот министер, Оливер Спасовски, за МИА изјави дека за Македонија отворање бегалски кампови не доаѓа предвид.
" Република Македонија има јасен став по ова прашање, тој став е дека ние имаме транзитни центри, значи само прифатни, за кратко време, на бегалци коишто можат да поминат низ територијата на Република Македонија како што беше во изминатиот период. Не гледаме причина тој став да се промени, апсолутно дека ние можеме да соработуваме, заеднички да се штитиме од евентуален мигрантски бран меѓутоа не може Македонија да биде место кадешто ќе имаме заеднички кампови и тука да бидат на подолг рок", вели тој.
Данска и Австрија, која го презема кормилото на ЕУ на 1 јули, неодамна ја објавија идејата за отворање на кампови за бегалци, чии барања за азил се отфрлени во ЕУ, тие луѓе да бидат префрлени во кампови „во Европа, но надвор од ЕУ“. Повеќе дипломатски извори од овие две земји прецизираа дека станува збор за земјите од Балканот најверојатно.