Новинарка на Албанската радио-телевизија киднапирана во Приштина?
Според МИА од Приштина, сомнежите дека се работи за новинарка од Албанија произлегуваат од интерен полициски извештај, до кој дошол порталот „insajderi.com“, а во кој се наведува дека е киднапирано едно лице, во чиј автомобил е пронајдена лична исправа на новинарка на ТВШ.
„Тројца сведоци од албанска националност пријавија дека три непознати лица пикнале насилно во нивното возило една жена и потоа се оддалечиле“, се посочува во внатрешниот полициски извештај на косовската полиција.
Во истиот се додава дека полицијата пронашла возило, за кое се претпоставува дека припаѓа на киднапираното лице, а внатре во возилото е пронајдена идентитетска картичка на новинарка на ТВШ.
„Косовската полиција замина на местото на настанот и пронајде автомобил за кој се верува дека припаѓа на киднапираната жена. Полицијата на Косово внатре во возилото најде идентитетска картичка на новинарка на Албанската Радио-телевизија“, се истакнува во полицискиот извештај.