Собранието утре ќе расправа за Договорот за името
Предлог-законот Владата до Собранието го доставила со европско знаменце, така што по изгласувањето на потребата за донесување на Предлог-законот за ратификација на Договорот, матично тело во кое ќе се разгледува ќе биде Комисијата за европски прашања, чиј претседател е Артан Груби.
Претседателот на Собранието Џафери за МИА вели дека очекува до петок договорот за решавање на спорот со името да биде ратификуван од страна на Парламентот и тој да биде пратен кај претседателот на државата Ѓорге Иванов. Тој во текот на денешниот ден имал средби со сите координатори на пратеничките групи во Собранието, вклучувајќи ја и опозицијата.
Се очекува утре Собранието да ја изгласа потребата за донесување на Предлог-законот за ратификација на договорот за решавање на спорот со името, по што Комисијата за европски прашања би имала два дена, според Деловникот, да го разгледа и да се изјасни за него. Потоа Предлог- ратификацијата повторно оди на пленарна седница.
За да се усвои Предлог-законот потребно е обично мнозинство, односно со мнозинство од присутните пратеници. Минимален кворум за работата на законодавниот дом е 61 пратеник.