Евакуиран островот Мон Сен-Мишел поради закани
Француската полиција го евакуираше туристичкото место Мон Сен-Мишел кај брегот на Нормандија и изврши претрес на куќи откако човек упатил закани до безбедносните сили, јавуваат локалните медиуми.
„Човек влегол во Мон Сен-Мишел. Пред сопственикот на кафетеријата упатил јасни и прецизни закани за безбедносните сили“, соопштија локалните власти.
Полицијата трага по човекот, но велат дека е можно да го напуштил местото заедно со евакуираните туристи.
Секоја година илјадници туристи го посетуваат островот Мон Сен-Мишел.
Француските безбедносни сили се во состојба на готовност по серијата терористички напади во кои загинаа над 230 луѓе во 2015 и 2016 година.