Ксидакис - Сега е најдобриот момент за решение за името
Се наоѓаме во најдобриот момент од 1995, а еден чесен и функционален договор може само корист да им донесе на народите на двете земји, вели во интервју за МИА, Никос Ксидакис, пратеник и портпарол на пратеничката група на владејачката СИРИЗА.
Како поранешен алтернативен МНР, Ксидакис добро го знае проблемот меѓу двете земји и коментира дека прозорецот на можност за решение и понатаму е отворен и треба да остане така се додека не се постигне заемно прифатлив договор.
Ксидакис вели дека е пооптимист во споредба со она што бил пред 15 или 20 години, а во интервјуто за МИА изразува убеденост дека евентуалниот договор ќе помине во грчкиот Парламент и покрај несогласувањето на коалициониот партнер во Владата, Панос Каменос.
На прашањето дали смета дека Македонија може да го прифати барањето за име за севкупна употреба и промена на Уставот, тој вели дека „постои политичка волја за да одиме напред“.
„Официјалната грчка позиција е таа и на оваа основа досега е направен конструктивен дијалог. Мислам дека имаме уште време пред нас, мислам дека имаме време да видиме“, вели тој.