Самит на ЕУ, на дневен ред и Западен Балкан
Денеска и утре во Брисел ќе се состанат шефовите на држави и влади на Европската унија. На агендата на лидерите ќе се најдат трговијата со САД, односите со Русија и со Турција, Западен Балкан и Брегзит.
Ќе биде разгледана новата европска стратегија за проширување кон Западниот Балкан, презентирана на почетокот на февруари, а во тој контекст можно е да стане збор и за спорот за името меѓу Македонија и Грција, тврдат европски дипломати.
Западен Балкан е приоритет и на бугарското претседателство, а лидерите ќе разговараат и за претстојниот самит во Софија. Некои европски држави стравуваат од тоа самитот во Софија да биде перцепиран како „самит на проширувањето“ и ќе бараат фокусот да биде ставен врз други помалку чувствителни теми, како што се инфраструктурното подобрување на регионот или намалувањето на цените за роамингот меѓу ЕУ и Балканот.