„Исцелител“ освојува награди, режисерот не го кажува рецептот за колачето
Филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески е добитник на награда за најдобар филм на престижниот филмски фестивал во Санта Барбара, Калифорнија.
„Исцелител“ се натпреваруваше во интернационалната селекција заедно со уште 11 филма.
„Ви благодарам Санта Барбара за прекрасната награда. Ми претставува огромна чест што името на нашиот филм е таму заедно со наградените актери и познатите филмски автори. Но и покрај сите ваши обиди, сепак не можам да ви го кажам рецептот за исцелителниот колач“, шеговито изјави режисерот Ѓорче Ставрески по повод доделувањето на наградата.
Проекцијата во Санта Барбара беше воедно и американска премиера на „Исцелител“. Во 33 годишното постоење на фестивалот во Санта Барбара, ова е прв македонски филм, добитник на награда.
Филмот од својата премиера до сега, за само три месеци, освои три награди и учествуваше на седум меѓународни фестивали.