Коѕијас - Спогодбата не е земи или остави
Никос Коѕијас вели дека македонската страна е запознаена со идејата, меѓутоа содржината ја разработува Атина, додека, пак, за временскиот рок кусо коментира „што е можно побргу“. За нацрт спогодбата вели дека го известил и медијаторот Нимиц.
„Другата страна знае за спогодбата, само што содржината ја разработуваме ние“, вели Никос Коѕијас, на прашањето на МИА, а во однос на тоа дали нашата страна ќе има можност да даде предлози за одредени точки, потенцира дека предлогот не е земи или остави.
„Секако. Предлогот ќе биде наш, може да побара да ја смени цела, може да има алтернатива со нејзино решение, измени. Не е земи или остави. Тоа е предлог за разговор, за дијалог, за да се олеснат преговорите“, објаснува шефот на грчката дипломатија.
Во однос на временскиот рок вели дека што е можно побргу, толку подобро, но потребно е многу работа.
„Зависи од тоа дали предлозите што ќе ги доставиме ќе бидат прифатени од другата страна или ќе го започнеме од почеток целиот разговор за спогодбата“, објасни Котијас, а за евентуална средба со шефот на македонската дипломатија, вели дека ќе се видат штом го подготват нивниот предлог.
Во однос на разговорите со медијаторот, Коѕијас вели дека имале креативна и продуктивна средба, на која шефот на грчката дипломатија го известил за спогодбата, му ги пренел грчките позиции во однос на предлозите доставени од медијаторот и таму каде што Атина имала загриженост за одредени делови, биле предложени алтернативни решенија и методи.
„Немам временски рок“, рече шефот на грчката дипломатија, запрашан за рокот за решение до НАТО самитот, објаснувајќи дека „ако не можеме да се договориме, ќе продолжиме со разговорите“.