ВМРО ДПМНЕ - Законот за амнестија е антидржавен
„Сите деструктивни политики на кои што предупредувавме пред избори се исполнуваат. Државата се разорува и на економски, и на безбедносен и на политички план. СДСМ денеска реши да ослободува криминалци ,истовремено, кога судиите политички им се одмаздуваат на уметници, оперски пејачи, глумци, режисери само заради нивниот патриотизам, рече Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозицијата обвинија за политички реваншизам, за отсуство на правда и селективна правда.
- Овој закон беше донесен на шверцерски начин без присуство на ВМРО-ДПМНЕ. Законот е резултат на предизборната коалиција на Заев со криминално мафијашките структури и е целосно неправичен, додаде Костовски.
Со Законот за амнестија се предвидува околу 670 луѓе целосно да бидат ослобоени од издржување на затворската казна, а над три илјади да добијат намалување на казната за 30 проценти. Со овој закон, како што претходно беше соопштено од Собранието, не се опфатени осудени за убиство, кривични дела против изборите и гласањето, за силување, педофилија, посредување или проституција, дела против државата, злосторничко здружување и кривични дела против човештвото и меѓународното право. Амнестијата не се однесува и на лицата кои кривичните дела ги сториле после 20 септември минатата година.