Минатата година над 25 илјади бегалци пристигнале во Грција
Скоро 25 илјади бегалци и мигранти во текот на 2017 година од турското крајбрежје пристигнале на грчките острови Лезбос, Самос и Хиос, а дури половина од нив, над 12 илјади лица, дошле само на островот Лезбос, покажуваат официјалните податоци на грчките власти.
Според нив во текот на минатата година најмногу пристигнувања имало во септември, а најмалку во февруари. Во текот на вчерашниот ден околу 135 бегалци и мигранти со пластичен чамец стигнале на Лезбос. Во исто време брод на Фронтекс спасил 38 бегалци и мигранти источно од островот Самос, кои со чамец тргнале од Турција кон Грција. Тие биле пренесени во центрите за прием и регистрација на бегалци.