Во Дебар одбележан Денот на независноста на САД
Во Дебар синоќа на плоштадот „Скендербег“ се одржа прослава по повод 4 јули, Денот на независноста на САД. Прославата во организација на граѓанска група „Пријатели на Америка“ и со поддршка на општина Дебар и американската компанија „Слајс Македонија“, која во Дебар има вработено над 250 млади, започна со интонирање на американската химна. Потоа во име на организаторите Ејона Казиу говореше за Денот на Американската независност, при што ја прочита и телеграмата со честитки упатена до амбасадата на САД во Северна Македонија.
Градоначалникот на Дебар Хекуран Дука на прославата на која присуствуваа и дебарски иселеници во САД кои летните одмори ги минуваат во родниот крај, рече дека САД се големи пријатели на нашата држава.
„Во Америка има околу 15 илјади дебарчани. Во Дебар се реализирани голем број американски проекти, додека иселениците од Дебар во САД имаат бројни инвестиции во родниот крај“, нагласи Дука.
Амбасадорката на САД во посета на дебарски компании и верски заедници
Потоа беше прикажан документарен филм од американска продукција за историјатот на Денот на независноста на САД, а прославата заврши со голем огномет.
Инаку во Дебар вчера стартуваше и „Дебарско лето 2021“, кое има бројни културни и спортски активности а се организира од страна на здружението на дебарските иселеници во САД „Дибра“ со седиште во Њујорк.