Лукашенко ја обвинува Русија за прекршување на меѓународните договори
Претседателот на Белорусија реагираше на воспоставувањето погранична зона меѓу Русија и Белорусија.
„Замислете: постојат меѓудржавни договори и спогодби. И некојси министер, макар да е и силен, ФСБ-шник и слични, со еден потег на перото стави крст на сите договори, издавајќи своја наредба - 801, 802, 803. Јас дури и ги кажувам броевите на тие наредби...Министерот со еден потег на перото го прецрта тоа. Нормално ли е тоа?“, изјави Лукашенко на големата прес-конференција во Минск.
Русија воспостави погранична зона на границата со Белорусија
Тој го нарече создавањето погранични зони „непромислени, некоординирани чекори“ кои ги влошуваат односите меѓу двете земји и истакна дека така не треба да се прави, затоа што Москва и Минск и без тоа имаат доволно проблеми.
Притоа Лукашенко потенцираше дека „за нас Русинот никогаш не бил туѓинец и нема да биде“, пренесува РИА „Новости“.