Иран ja гаѓаше американско-британската база на островот Диего Гарсија
Иранските сили ја таргетирале стратешки важната американско-британска воена база на малиот остров Диего Гарсија во Индискиот Океан, но ја промашиле целта во географски најамбициозниот напад на Исламската Република, објави „Волстрит Џурнал“ (WSJ).
Весникот, повикувајќи се на повеќе американски претставници, објави дека Иран истрелал две балистички ракети со среден дострел кон базата, која се наоѓа на околу 5.300 километри од Техеран, иако не е јасно од кој дел од Иран биле лансирани ракетите.
Ниедна ракета не ја погодила базата. Едната не успеала во лет, додека другата била соборена од американски воен брод со помош на пресретнувач SM-3, посочиле американските претставници.
Доколку се потврди овој обид за напад врз базата, тоа би укажало дека ракетите на Иран имаат поголем дострел отколку што претходно се веруваше и од тоа што го посочи режимот во Техеран.
Оддалечениот остров Диего Гарција е дел од британска територија во Индискиот Океан и е стратешка база од која САД, меѓу другото, распоредуваат бомбардери и нуклеарни подморници.
Велика Британија на 20 март даде зелено светло за американските сили да ги користат нејзините бази за напад врз иранските ракетни локации кои вршат напади врз бродови во Ормутскиот теснец, клучен коридор за транспорт на нафта од Персискиот Залив до глобалните пазари. Иран го блокираше овој теснец поради нападите на САД и Израел, предизвикувајќи зголемување на цените на дериватите.
Британскиот премиер Кир Стармер првично го отфрли барањето на САД да ги користат британските бази за напад врз Иран, велејќи дека треба да биде сигурен оти секоја воена акција е легална. Откако Иран ги нападна британските сојузници низ Блискиот Исток, Стармер рече дека САД би можеле да користат воздухопловни бази во Англија и на островот Диего Гарсија.
Според билатералните договори, на американските сили стационирани на територија под британска контрола, за одредени мисии им е потребно одобрение од Велика Британија.
Американските и британските претставници засега не ги коментираа информациите објавени од „Волстрит Џурнал“.