СДСМ на Конгрес, Филипче порача дека партијата нема време за предавства
Критики кон власта, порака дека во СДСМ нема простор за внатрешни поделби и повик за мобилизација за подобар живот на граѓаните, упати Венко Филипче, претседател на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) од 31 Конгрес на партијата што се одржува на 24 јануари во Скопје.
Конгресот се одржува во услови на засилени внатрепартиски тензии и јавни критики кон Филипче од поранешни партиски функционери за лошите резултати на локалните избори во октомври 2025 и му бараат оставка.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, оцени дека говорот бил „празен“, а дека Филипче е штетен за Македонија и за нејзините интереси.
Филипче рече дека оти имало турбуленции и разочарувања, но и дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ сака контролирана опозиција во Македонија, што успеало со формирањето на партијата ЗНАМ.
Максим Димитриевски, лидер на ЗНАМ, се отцепи од СДСМ во 2021 година и формира партија.
На „оние кои мислат дека можат да седат на две столчиња - да бидат во СДСМ, да работат за власта или да формираат фракции“, Филипче им порача дека тоа време завршува.
„Денес ставаме точка на разединувањето. СДСМ не е пазар за пазарење функции. Кој сака да се бори рамо до рамо со нас, добредојден е. Кој планира да нѐ поткопува одвнатре, да биде тројански коњ на ВМРО - ДПМНЕ или на други интересни групи, нека си замине веднаш. Немаме време за предавства“, рече тој.
Претседателот на СДСМ ја обвини власта дека ветила гордост и реформи, а „донесе грабеж од епски размери“. Според него, државата е во дипломатска изолација, европскиот пат е блокиран и дека „наместо во периметарот на САД, со Мицкоски завршивме надвор од кружницата на Европа“.
„Ја откривме оската со Србија и Унгарија, сојузот со Орбан и Вучиќ, каде се застапуваат антиевропски и се поддржуваат про-руски ставови, што нѐ доведоа да сме на листата на САД со земји од третиот свет. Таа оска ги штити интересите на Москва на Балканот, со инвестиции што не врзуваат за авторитарните режими“, рече Филипче.
Тој кажа дека СДСМ ќе тропнe на секоја врата, но не за да молат за гласови, туку за да ја „разбудат“ Македонија.
„Јас бирам борба, искрена, силна и чесна. Затоа, другарки и другари, нема седење, нема пишување статуси на фејсбук од удобни фотелји. СДСМ е на терен, одиме во секој град, во секое село. Ќе им кажеме на луѓето за долгот од 2 милијарди евра, за новиот заем од 6 милијарди евра, ќе кажеме за изолацијата од Европа и од Америка, поради корупцијата и пљачката, за предавството на националните интереси и безбедност, за мигрантите. Нека слушнат добро во Белата палата и во Владата, мислеа дека сме на колена, мислеа дека сме готови. Штотуку почнавме, СДСМ се разбуди, а кога СДСМ е буден, тираните не спијат мирно“, рече Филипче.
Конгресот на СДСМ е отчетен за резултатите од локалните избори, се состои од отворен и од затворен дел. Отворениот дел беше говорот на Филипче, а во затворениот дел, генералниот секретар и шеф на изборниот штаб Александар Саша Димитријевиќ ќе го презентира извештајот за изборите. Планирано е да се гласа и доверба на Централниот и на Надзорниот одбор, како и да се направат статутарни измени за воспоставување нови дигитални платформи за комуникација со членството и со гласачите.
На локалните избори во октомври СДСМ освои шест градоначалнички места. Кандидатите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ победија во 54 општини.
По поразот, оставки поднесе речиси целото раководство на СДСМ освен Филипче - потпретседателите, генералниот секретар, организациските секретари, како и сите членови на Извршниот одбор на СДСМ. Тогаш од СДСМ соопштија дека оставаат простор за ново поглавје и следува период на кадровско освежување и зајакнување на партијата.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, го повика Филипче да објасни зошто СДСМ е петта партија во Скопје и трета во Македонија и, меѓу другото, го прозва дека не се оградил од „неговиот ментор Зоран Заев“.
„Не објасни зошто СДС сервираше услуги кон Бугарија и Грција, го наметна францускиот предлог, склучи штетен договор со Бугарија.
Не објасни зошто ги напаѓаат САД, се во политичка војна со Обединетото Кралство. Не се огради од Артан Груби и неговиот криминал во „Лотарија“. Филипче самиот исто така не изостанува од криминалниот синџир на тендери, не кажа од каде му е службеното луксузно „Ауди“ и каква е неговата врска со Енис Колашинац кој ЕСМ го снабдуваше со јаглен за време на власт на СДС, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.