Францускиот парламент го донесе Законот за вонреден буџет
Француските пратеници синоќа (23 декември) го усвоија Законот за вонреден буџет откако Парламентот не успеа да се согласи за целосен буџет за следната година, со што се спречи затворање на владата, јави агенцијата ДПА.
Привремениот договор ѝ овозможува на презадолжената земја да продолжи да работи во 2026 година, овозможувајќи ѝ да собира даноци, да позајмува пари и да финансира основни државни функции.
Меѓутоа, пренесува ДПА, министерот за економија Роланд Лескир синоќа на радиото BFMTV нагласи дека тоа ќе биде само „минимум сервисирање“ на државата, бидејќи со посебниот закон донесен во парламентот не се можни нови инвестиции.
„Колку подолго трае ваквата состојба, толку повеќе ќе не чини“, нагласи министерот Лескир.
Владата на претседателот Емануел Макрон инсистира што поскоро да се усвои целосен буџет, додава германската агенција.
„Преодното решение е несоодветно и не ги решава основните фискални проблеми на Франција“, изјави портпаролката на владата Мод Брежон.
До крајот на јануари се очекува донесување на целосниот буџет што ќе има за цел да го намали буџетскиот дефицит на пет отсто. Франција итно треба да ги ограничи трошоците поради високите нивоа на долг.
Неуспехот да се донесе штедлив буџет ја зголеми економската неизвесност, особено за бизнисите, бидејќи втората по големина економија во Европската Унија сè уште нема јасен план за трошење и штедење.
Застојот, исто така, го зголеми притисокот врз премиерот Себастијан Лекорну и неговата малцинска влада. Лекорну постојано ги повикува политичките партии на компромис.
Иако успеа да го протурка буџетот за социјално осигурување по долги преговори и направени отстапки, на крајот тој не успеа во напорите да обезбеди одобрување за главниот буџет, потсетува ДПА.