Собранието ќе одлучува за разрешување на петмина членови на Судски совет
Петмина членови на судскиот совет назначени од Собранието ќе бидат отповикани во Комисијата за именување и назначување.
„Тоа значи дека може да отпочне процедурата за нивно разрешување и назначување на нови, како што е во Деловникот, како што биле назначени, така ќе бидат и разрешени“, изјави Гаши.
Судскиот совет е составен од 15 члена, од кои тројца ги избира избира Собранието со Бадентерово мнозинство. Други двајца ги предлага претседателот на државата, но изборот го врши Собранието. Еден од овие двајца членови треба да биде припадник на помалите етнички заедници.
Осум члена, пак, ги избираат судиите од своите редови на непосредни избори со тоа што тројца од нив се припадници на заедниците кои не се мнозинство во државава. Двајца се само по функција членови, може да присуствуваат на седници, но немаат право на глас, тоа се претседателката на Врховниот суд и министерот за правда.
Во однос на делот кога може да се очекува разрешувањето на овие членови, Гаши не прецизираше, но посочи дека на дневен ред ќе биде ставено веднаш што се создадат услови за тоа.
Опозициската СДСМ обвини дека со ова се прави груба партизација на Судскиот совет и дека овие постапки се спротивни на договореното на власта со ЕУ за реформската агенда.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче обвини дека обидот за партиско заробување на државата се рефлектира и во најавата за распуштање на Судскиот совет, која е директен удар врз демократијата.
„Јас уште по првите чекори на оваа Влада најавив дека ВМРО-МВРО се враќа. Но вчерашната најава дека Владата планира да го распушти Судскиот совет, односно да разреши пет членови, е чекор кон целосна контрола врз судството. Ова СДСМ нема да го дозволи. Ова ќе значи газење на демократијата и враќање кон мрачните времиња на политички прогон,“ истакна Филипче.
На ваквите обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ во писмено соопштение возратија дека партизацијата на институциите настанала во претходната влада на СДСМ и ДУИ.
„Судскиот совет беше племенски совет меѓу Муртино и Зајас. СДСМ кои го поставија митаџијата Наќе Георгиев сега зборуваат за судството, која трагедија. СДСМ се партија која на чело на Судски совет ја имаа Весна Дамева од СДСМ“, се вели во нивното соопштение.
Во меѓувреме Судскиот совет нема претседател, затоа што Весна Дамева поднесе оставка од функцијата на 2 декември поради, како што изјави, политички притисоци и обиди за нарушување на нејзиниот интегритет од неколку политичари од власта, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски.
Членовите на советот побараа неколку дена за да размислат кого да предложат за нејзина замена, но по речиси еден месец, предлог во јавноста не соопштија.
Годишниот извештај за работата на Судскиот совет за 2023 година беше поднесен во април годинава, но пратениците го разгледуваа минатата недела, и по него се изјаснија негативно.