Спасовски-Баздникин: Односите меѓу Скопје и Москва се пријателски
Односите меѓу Северна Македонија и Руската Федерација се одвиваат на принципиелно и пријателско ниво и постојат потенцијали за унапредување на соработката во областа на економијата, образованието, науката и културата, беше заклучено на денешната средба на техничкиот премиер Оливер Спасовски и рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин.
Од владината прес-служба соопштија дека на средбата Баздникин донел писмо од рускиот премиер Михаил Мишустин, со благодарност до премиерот Спасовски, за честитката за неговото назначување на позицијата и со изразена подготвеност за унапредување и продлабочување на соработката, во областите значајни за граѓаните.
„Посветени сме на градењето добри односи со државите, на демократско ниво. Нашите стратешки приоритети се интеграциите во НАТО и ЕУ, кон што сме фокусирани, како и економскиот развој на државата. И ние гледаме можности за унапредување на економската соработка со Руската Федерација, во функција на подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани“, истакна Спасовски.