Рама го нарече Хараднај лицемерен патриот
Албанскиот премиер, Еди Рама, за првпат реагираше по тужбата што ја поднесе пред Основниот суд во Приштина, против косовскиот колега Рамуш Харадинај.
Одговарајќи на Фејсбук, на прашањето зошто не бил на Косово да го одбележи масакрот „Рачак“, Рама изрази жалење за оние што го проколнуваат, повторно напаѓајќи го косовскиот премиер во заминување, нарекувајќи го лицемерен патриот.
„Жалење и срам за тебе и на секој друг како тебе, кој бесрамно ме навредува и проколнува од Косово за имагинарно предавство и понижување, вперено кон мене од политичари и аналитичари“, наведува Рама.
Тој посочува дека направил, прави и ќе прави сè што може за Албанија и за Косово идентично и оти нема намера да се повлече.
„Што се однесува до Рачак, на тие невини жртви на српската агресија не им оддава ни најмалку почит вашиот господар навредувајќи ме, исто како што не им се оддава почит на жртвите од омраза со тоа што ги користат за ниска политика што ги дели луѓето во патриоти и предавници“, напиша Рама.
Рама до Основниот суд во Приштина претходно поднесе тужба за клевета против Харадинај. Тужбата се однесува на клевета дека Рама наводно се залагал за размена на територии меѓу Белград и Приштина.