Лавина кај Бигорски манастир го прекина сообраќајот од Маврово кон Дебар
Снежна лавина која се струполила врз коловозот на регионалниот патен правец Маврови Анови – Дебар предизвика целосен прекин на сообраќајот во овој регион.
Засега нема информации колкава количина на снег, камења и дрвја паднала на коловозот, но се знае дека екипи на „Македонија пат“ и друга механизација се упатени на местото за да обезбедат проодност.
Лавината паднала во близина на Бигорскиот манастир, неколку стотини метри пред бензинската станица.
Инаку, снежните врнежи го блокираа сообраќајот на повеќе патишта во Македонија кон повисоките населени места, во сила се забрани за камиони преку повеќе планински превои, а движењето на возилата е отежнато и забавено. Авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром Скопје досега се одвива без проблеми и според информациите од веб страницата, се реализираат полетувањата и слетувањата.
Според извештаите на ЈП „Македонија пат“ и Автомотосојузот на Македонија, забрана за движење на тешки товарни возила има на патните правци крак Маврово – Дебар, Гостивар – Кичево, преку планинскиот премин Стража, Кичево – Охрид, преку планинскиот премин Пресека, патот Прилеп – Македонски Брод на планинскиот премин Барбарос како и на патниот правец Тетово – Попова Шапка, каде забраната важи и за автобуси, а за останатите возила е задолжително користење на зимска опрема (синџири). Од 12:15 часот, поради интензивни врнежи од снег, се воведува забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Струга – граничен премин Ќафасан.
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) најави дека врнежите од снег од попладне ќе засилуваат, особено во западните и северните делови на Македонија, каде снежната покривка дополнително ќе се зголеми за 10 до 20 сантиметри, а на планините и над 20 сантиметри.