Расте бројот на загинати во пожарите во Грција, потрагата по исчезнатите продолжува
Бројот на загинати во пожарите што го зафатија источниот дел на областа Атика во Грција се зголеми на 82, соопшти грчката противпожарна служба. Според соопштението, потрагата по исчезнатите продолжува, но, како што стои во соопштението, само во становите и куќите што се отворени.
„Потрагата за пронаоѓање на исчезнати лица продолжува со несмален интензитет со патроли кои пеш вршат контроли на отворени простори, автомобили, дворови на куќи, куќи кои што се целосно или делумно уништени во пожарот, но и во сите други простори каде што би можеле да се пронајдат луѓе. Во домовите што се заклучени и не е можен влез, за сега уште не е извршена контрола“, вели Ставрула Малири, портпаролката на противпожарната служба на Грција.
Таа додаде дека потрагата нема да запре се додека не се проверат сите делови зафатени од пожарот.