Рускиот „Кортеж“ ќе биде конкуренција на „Мерцедес“ и „Бентли“
Автомобилите од проектот „Кортеж“ - лимузина, седан, СУВ и минибус - според цената, како и според своите карактеристики ќе им конкурираат на брендови како што се „Мерцедес С-класа“, „Бентли“ и „Ролс Ројс“. Ова го изјави на маргините на саемот „Иннопром 2017“ началникот на одделот за напредна технологија и развој на ГНЦ РФ ФГУП „НАМИ“ Кирил Казмирчук.
„Можат да нѐ споредуваат со „Мерцедес С-класа“, „Бентли“, „Ролс Ројс“. Тие (автомобилите од проектот „Кортеж“) и според опремата, и според квалитетот ќе бидат аналог на овие марки, во целина нашиот проект е комерцијален. Јасно е дека нивното ниво на цена е како за „Мерцедес С-класа“. Тоа не е „Лада Жигули“ и не е „Рено“, изјави Казмирчук, пренесува auto.newsru.com.
Тој истакна дека спектарот на цени за моделите на „Мерцедес С-класа“ е од 6 до 13 милиони рубли. „Тоа е голем автомобил? Да, голем. Но секој може да го купи? - Се разбира, не“ изјави тој.
Путин ја тестираше руската ВИП-лимузина „Кортеж“
Тој прецизираше дека НАМИ во рамките на проектот има создадено свој девестепен автоматски менувач и три турбо мотори - V4, V8 и V12, со 250, 650 и 850 коњски сили. Конкретно, лимузината за претседателот ќе има мотор со сила од 850 коњски сили, изјави Казмирчук.
Откако моделите ќе бидат презентирани, проектот ќе стане комерцијален и автомобилите од проектот ќе бидат достапни за сите заинтересирани.
Како што изјави претставникот на НАМИ, можно е во иднина да биде создадена поедноставена верзија на менувачот за моторот V4 и корисниците ќе бидат во можност да изберат како менувач, така и мотор, заедно со ентериер и екстериер. Според Казмирчук, домашните производители се веќе заинтересирани за V4 моторот и можеби и ќе почнат да го инсталираат во своите возила.
Претходно беше соопштено дека Русија им понудила на индиски компании да прават автомобили на платформата „Кортеж“.