Министрите од регионот потпишаа изјава за борба против корупцијата
Министрите порачаа дека сузбивањето на корупцијата е приоритет за државите, а специјалната претставничка на ОБСЕ за борба против корупцијата Анита Рамасастри порача дека тоа е заеднички предизвик и оти тоа е клучно за да има функционални пазари.
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија во обраќањето на настанот порача дека корупцијата ја загрозува безбедноста и економската благосостојба, а потпишувањето на денешниот документ значи дека на оваа борба ќе се посветат на највисоко ниво.
Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, пак, зборуваше дека борбата против корупцијата не е можна без меѓународна и координирана соработка, а ОБСЕ треба да помогне земјите да ги зајакнат капацитетите. Тој, исто така, порача дека корупцијата е и таму каде што се парите, алудирајќи на Западот.
„Ние сами се нарекуваме шампиони во корупција, ама не сме. Корупција има таму каде што има пари. Земање провизија на Западот е легално, а кај нас е корупција. Жал ми што тие не го потпишуваат ова, тие треба први да потпишат. Се сомневам дека ние сме повеќе корумпирани од нив. Само сакам да не ни делат лекции од страна. Ако земјите на ЕУ треба да поминат низ процесот низ кој ние треба да поминеме за влез во ЕУ, три четвртини нема да поминат“, рече Дачиќ.
Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина (БиХ), Елмедин Конаковиќ, пак, во обраќањето се пошегува на сметка на својата држава велејќи дека завршила прва на листата најкорумпирани затоа што го корумпирале тој што ја правел листата.
Корупцијата, според него, е политичка реалност на Балканот и поради тоа луѓето се иселуваат.
Шефот на црногорската дипломатија, Филип Ивановиќ, испрати порака дека ОБСЕ треба да ја зајакне улогата во борбата против корупцијата и криминалот, а неговиот колега од Албанија, Игли Хасани, рече дека оваа борба треба да биде приоритет и останува да има политичка волја за да се направи нешто повеќе на ова поле.