Претставен планот за деескалација на состојбата во Косово пред шефовите на ОБСЕ во Белград, Приштина и Скопје
Тој оствари средба со шефовите на Мисиите на ОБСЕ во Србија, Косово и во Скопје, амбасадорите Јан Брату, Мајкл Девенпорт и Килиан Вал, во чиј фокус, како што информираат од МНР, била состојбата на северот на Косово и односите помеѓу Белград и Приштина.
„Охрабрувачки е да се слушнат нивните мислења за потенцијалните перспективи на планот за деескалација на ситуацијата што како Претседавач со ОБСЕ го претставив. Понудениот патоказ поттикнува атмосфера на дијалог и соработка“, рече Османи на средбата, наведуваат во соопштението од МНР.
Тој истакнал дека од особено значење е помирувањето како клучен приоритет чекор напред кон постигнување траен мир и соработка во регионот.
Покрај тоа, Османи пред шефовите на Мисиите на ОБСЕ во Србија, Косово и Скопје ги претстави и приоритетите на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ фокусирани на Југоисточна Европа. Овие приоритети се насочени кон зајакнување на довербата, борбата против корупцијата и климатска акција.
Во насока на приоритетите на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, Османи и амбасадорите разговарале и за претстојната Конференција за антикорупција во Југоисточна Европа што ќе се одржува во земјава.