Стејт департмент: Лидерите на Северна Македонија мора да го ограничат политичкото мешање во судството
Основното јавно обвинителство во петокот соопшти дека спроведува истражна постапка против 15 физички и 7 правни лица за злоупотреба на службена положба и перење пари за 11 споменици, при што наводно биле испрани над 16 милиони евра буџетски пари.
„Борбата против корупцијата во Западен Балкан е главен приоритет на администрацијата на Бајден. САД ќе продолжат да поддржуваат влади, партнери од граѓанското општество, независни медиуми и граѓани во борбата против организираниот криминал, искоренувањето на корупцијата, зголемувањето на транспарентноста, спроведувањето на одговорноста и дополнително зајакнување на владеењето на правото и демократските институции“, изјави портпарол на Стејт департментот.
Во изјавата стои дека „ лидерите на Северна Македонија мора да покажат силни, опипливи резултати во борбата против корупцијата, преку зајакнување на институционалната независност и ограничување на политичкото мешање, особено во судството, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во владата“.
Инаку меѓу осомничените во истрагата, со кодно име „Феникс“, се и поранешниот премиер Никола Груевски, кој избега во Унгарија, и ексминистрите за финансии и за култура Зоран Ставрески и Елизабета Канческа-Милевска.
Поранешниот градоначалник на општина Центар Владимир Тодоровиќ доби мерка куќен притвор, а изречени се и други мерки притвор и полесни мерки за обезбедување на осомничените.