„Билт“ со претпоставка како Русија и САД ќе го решат прашањето за Крим
Поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер развива за новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп план за нормализирање на односите со Русија, пишува германскиот таблоид „Билт“ повикувајќи се на информации на европски специјални служби.
Кисинџер смета дека подобрувањето на односите со Русија е вистински чекор поради зајакнувањето на Кина, се истакнува во статијата. Како искусен преговарач и еден од ретките Американци кои често се среќаваа со претседателот на Русија Владимир Путин, тој ќе биде посредник меѓу Москва и Вашингтон.
Трамп ќе има проблеми
„Според анализата спроведена за европските разузнавачки служби, која се заснова на информации од тимот на Трамп, новиот американски претседател се обидува да ги укине антируските санкции „по совет на Кисинџер“, пишува весникот.
Покрај тоа, Кисинџер наводно препорачал да ѝ се „отстапи“ на Русија сферата на влијание на територијата на поранешните советски републики.
Украинското прашање, според „Билт“, се очекува да се реши на следниов начин: на Москва ќе ѝ биде понудено да даде гаранции за безбедноста на источна Украина, а Западот ќе треба да запре да се „возбудува“ поради Крим. Полуостровот нема да биде официјално признат како руска територија, но ова прашање ќе престане да биде проблем во односите меѓу САД и Русија, се вели во статијата што ја пренесува РИА „Новости“.