Патувачката бабичка и нејзиниот Инстаграм
Никогаш не е доцна за патувања
Во својата младост Ерхова не патувала многу, зашто немала кога. Кога имала 15 години Германија го нападнала Советскиот Сојуз и младата колхозница заминала да работи во тилот на фронтот. Потоа дошло време да се обновува разурнатата земја, а набргу потоа се спуштила „железната завеса“ и мнозинството советски граѓани можеле само да сонуваат за патувања во капиталистичките земји. За тоа време Елена посетила само различни краишта на Советскиот Сојуз. Била во Санкт Петербург, во Литванија и во Казахстан. Надвор од границите на поранешниот социјалистички блок Ерхова почнала да патува дури во својата 83 година.
Екатерина Папина
Од Чешка до Израел
Ерхова прима пензија со додаток, со оглед на тоа дека работела во тилот на фронтот за време на Големата татковинска војна. Освен тоа таа одгледува цвеќе за продажба и плете по нарачка. Секој месец одвојува по 155 долари и еднаш годишно заминува во нови туристички „авантури“. Патува на „старински начин“ – нема дури ни мобилен, но затоа носи фотоапарат и ранец. Најмногу сака да патува со авион. „На почетокот се плашев, зашто претходно никогаш не бев патувала со авион“, вели Елена. „А, сега веќе се навикнав, дури и ми се допаѓа. Воопшто не се плашам“.
„Баба Лена“, како што главно себеси се вика Ерхова, најчесто заминува во Чешка. Веќе пет пати била во Карлови Вари. „Таму веќе подобро се снаоѓам одошто во Краснојарск“, вели таа со насмевка. „Тука одам само до продавница, а во Вари има многу интересни нешта“. Прочуеното чешко одморалиште за првпат го посетила од здравствени причини. Тогаш се запознала со нови пријатели – руски емигранти од Германија. Збор по збор и следниот пат Ерхова заминала на гости во Германија. Во непознатата земја најмногу ѝ се допаднале големите продавници и големиот избор на стока. Не е ни чудо со оглед дека преживеала војна, и глад, и системот на „точки“ во повоениот период, и постојаниот дефицит во советско време.