Заев - Деновиве очекуваме дел од вакцините од Србија
Премиерот Зоран Заев рече дека овие денови се очекува да стигнат првите две-три илјади вакцини од договорените 8.000 од српските вакцини од Фајзер, коишто, како што вели, дефинитивно се усогласени и политички договорени. Идната недела се очекуваат првите информации за првите количини преку КОВАКС системот, а во февруари се очекуваат вакцините кои се договорени директно со компанијата „Фајзер“ рече Заев во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.
Заев вели дека земјата како членка на НАТО се држи генерално до западниот свет и вакцините потврдени од тамошните институции, а Србија којашто, вели, нема аспирации за НАТО и нормално е повеќе да е отворена кон источниот свет Кина и Русија и прави договори со нив.
Вакцински национализам
Тој додаде дека централата на „Фајзер“ за Југоисточна Европа е во Белград и затоа српските граѓани добија одредена количина вакцини од оваа компанија. Премиерот рече дека очекува првите 2-3.000 вакцини, од договорените 8.000 дози од српска страна, да стигнат во најскоро време, објаснувајќи дека тоа ќе се оствари откако ќе се добијат потребните одобренија од компанијата.
„Она што е точно и треба да го знаат граѓаните е дека првпат во секоја земја мора да влезе вакцината за да се регистрира, не може тоа порано да се направи, истакна премиерот Заев.
Тој додаде дека очекува секој ден да се добие одобрение од централата во Њујорк, „Фајзер“ да одобри српската Влада да ги достави вакцините и тоа на транши заради специфичниот транспорт.
Нашата земја, вели премиерот Заев, е целосно подготвена со обезбедени ладилници за вакцините и веќе е изграден системот за вакцинација, а први ќе ја примат медицинските работници од КОВИД болниците кои се 7.850, останатиот медицински персонал, хронично болните и возрасните луѓе.