Русија и Индија го продолжија договорот за воена соработка
Русија и Индија потпишаа голем број на трговски договори, како и договори за оружје за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин во Њу Делхи. Путин имаше средба со индискиот премиер Нарендра Моди, а меѓу потпишаните договори е и тоа дека Индија ќе произведе повеќе од 600.000 автоматски пушки калашникови.
Путин отпатува во Индија заедно со руските министри за одбрана и за надворешни работи, при што двете земји ја зајакнаа својата воена и техничка соработка до 2031 година и ветија дека ќе ја зголемат годишната трговска размена на 30 милијарди до 2025 година.
Рускиот претседател е во посета на Индија во услови на сè позатегнати односи меѓу Русија и САД, исто така клучен индиски сојузник, кој изрази резервираност за растечката воена соработка меѓу Москва и Њу Делхи.
Во заедничката изјава по разговорите се вели дека Русија и Индија „ја повториле намерата да ја зајакнат одбранбената соработка, вклучително и заедничкиот развој на производство на воена опрема“.
Покрај договорот дека Индија ќе произведува пушки АК-203, Русија соопшти дека е заинтересирана да продолжи со испораката на ракетните системи за противвоздушна одбрана С-400.
Русија и Индија дискутираат за оружје, енергија и ситуацијата во Авганистан пред средбата Путин-Моди
Индискиот министер за надворешни работи Харш Вардан Шрингла рече дека двете земји потпишале 28 инвестициски договори, вклучително договори за челик, изградба на бродови, јаглен и енергија. Тој додаде дека договорот од 2018 година за ракетните системи С-400 во моментов е во процес на имплементација.
„Снабдувањето започна овој месец и тоа ќе продолжи“, рече Шрингла мислејќи на системите С-400.
Договорот со Москва ја става Индија во опасност од американски санкции според американскиот закон од 2017 година, чија цел е да ги одврати земјите од купување на руска воена опрема.
Руската нафтена компанија „Роснефт“ соопшти дека потпишала договор со „Индијан Оил“ за испорака на два милиони тони нафта во Индија до крајот на 2022 година.
Земјите потпишаа и меморандум за разбирање дека Русија, меѓу другото, непречено ќе ја снабдува Индија со јаглен за поддршка на производството на челик.