Хрватската влада се огради од ставот на Милановиќ за Украина
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска рече дека претседателот Зоран Милановиќ го уништува угледот и кредибилитетот на Хрватска, додавајќи дека Владата се оградува од неговите ставови за ситуацијата во Украина.
„Изјавите на Милановиќ се штетни за угледот на Хрватска и срамни. Тие водат до големо разочарување, би рекол срам на нашите партнери, од САД до членките на НАТО, членките на Европската унија, нашите соседни земји“, истакна Пленковиќ на владината седница.
Тој додаде дека веројатно секој посериозен амбасадор ќе биде повикан на разговор поради изјавите на Милановиќ.
„Тоа е лошо, тоа е скандалозно, го уништува угледот и кредибилитетот на Хрватска. Тоа е целосно спротивно на надворешната политика, принципиелните позиции на хрватската влада. Не само кога станува збор за Украина, туку и многу други земји“, изјави Пленковиќ.
Украинското Министерство за надворешни работи вчера ја повика хрватската амбасадорка во Киев Аница Џамиќ да протестира поради изјавите на шефот на државата, додека, пак, неговите зборови позитивно одекнаа во Русија.
Милановиќ рече дека Хрватска на никаков начин нема да се вклучи во кризата доколку таа ескалира, а исто така нема да има ниту свои војници. Тој посочи дека за Украина нема место во НАТО и дека ЕУ поттикнала „државен удар“ во Украина, со што во 2014 година беше соборен прорускиот претседател Виктор Јанукович.
Пленковиќ ѝ се извини на Украина поради изјавата на Милановиќ
Пленковиќ повтори дека ставот на хрватската Влада е „почитување на територијалниот интегритет на Украина, почитување на принципите на меѓународното право, застапување за мир, за деескалација на конфликти, намалување на тензиите и придонес во напорите на меѓународната заедница, било да е тоа преку различни формати кои постојат, преку нашите активности во НАТО, во Европската унија или во други организации“.
Дали Европа ќе ја види најголемата воена офанзива од Втората светска војна?
Тој демантираше дека се размислува за испраќање војници во Украина, велејќи дека тоа не е на агендата на ниту една меѓународна организација, тврдејќи дека тоа е „непостоечка тема“ и се огради од изјавите на претседателот.