ИЈЗ: Расте бројот на заболени од грип, пикот се уште не е достигнат
За само една седмица бројот на заболени од грип во земјава е зголемен за речиси 70 проценти. Податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажуваат дека во периодот од 27 октомври до 2 ноември бројот на заболени е зголемен за 67,9 отсто во споредба со претходната недела.
Во тој период пријавени биле 94 случаи на заболени од грип, за разлика од претходната недела, кога биле регистрирани 56 случаи или речиси се дуплирал бројот на дијагностицирани.
Најмногу заболени луѓе во изминатава недела се регистрирани во Гостивар и Куманово по 27 луѓе, додека најмалку во Каавдарци, само еден човек е заведен како заболен од грип.
Во однос на возраста, од 15-64 години се регистрирани 70 лица, лица над 65 години – 17, од 5-14 години – 6 лица и од 0-4 години – едно лице.
Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип.
Сепак, од направената споредба на бројката на заболени во истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 73,3%, а во однос на моделот од последните 15 сезони се регистрира зголемување од 27,1%.
Во досегашниот тек на сезоната на грип не се регистрирани починати лица асоцирани со грип, велат од ИЈЗ. Грипот зема замав и во земјите од регионот.
Во Македонија оваа сезона досега се вакцинирани се 53.114 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.
За сезоната 2025/2026, Министерството за здравство обезбеди бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 80.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Дополнителни 2.400 дози комерцијални вакцини се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во ризичните групи.
Во периодот кога луѓето се собираат на одбележување куќните слави, лекарите апелираат болните да останат дома и да се придржуваат на препораките.