Борбата на казахстанска научничка за спас на касписките фоки
„Ползев блиску и ја видов фоката како едвај дише, а нејзиниот врат беше заплеткан во рибарска мрежа што и ја сечеше на кожата“, се сеќава таа.
Баимуканова им се придружи на меѓународните истражувачи кои ги набљудуваа фоките. Оттогаш била на десетици експедиции, често поминувајќи часови и часови, лежејќи неподвижна во тешки услови.
„Ако лежиш мирно на брегот, можеби ќе те пуштат да се приближиш. За еден метар. Еднаш, додека лежев таму, неколку фоки се обидоа да легнат покрај мене. Бев толку среќна што веројатно ме гледаа како своја. Не си единствениот кој е љубопитен, и тие те гледаат“, вели Баимуканова и додава:
„Воспоставувате комуникација, врска. Тоа е извонредно чувство на кое би завидил секој биолог: кога сте во контакт со нешто неверојатно“.
Касписките фоки се единствените морски цицачи во Каспиското Море и не живеат на друго место. Некогаш беа над 1 милион на почетокот на 20 век, а сега нивната популација се проценува дека се намалила на помеѓу 70.000 и 300.000. Бројките не се прецизни.
Баимуканова работи во Институтот за хидробиологија и екологија, непрофитна организација која проучува дали касписките фоки можат да се прилагодат на променливата средина.
Мешавина на фактори - човечката активност, загадувањето, климатските промени и намалувањето на нивото на Каспиското Море - сите овие фактори играат улога. Повлекувањето на морето предизвикува островите да исчезнуваат, да се поместуваат или спојуваат, принудувајќи ги фоките да најдат нови места за одмор.
„Во 2009-2011 година, имаше острови Дурнева во северниот дел на Каспиското Море. Таму живееја до 25 000 фоки. Во 2016 година останаа околу 200. До 2019 година, само 69. Како што нивото на морето се намали, островите станаа плитки, а фоките почнаа да бараат други места за да преживеат“, вели Баимуканова и додава:
„Понатаму, Каспиското Море доживува циклуси каде нивото на водата се менува поради шемите на ветровите. Оваа ситуација, каде што местата за одмор пресушуваат, отсекогаш постоела. Можеби фоките имаат способност да се прилагодат на флуктуациите и ќе продолжат да опстојуваат“, се надева оваа научничка.
Загадувањето е уште една сериозна закана. Рибите, кои ги консумираат и луѓето и фоките, содржат макро и микропластика.
„Кај пет видови, најдовме пластика во нивниот стомак. Таа е токсична, се акумулира во телото, го ослабува имунитетот и може да предизвика болести“, објаснува таа.
Во североисточниот дел на Каспиското Море, каде што фоките се собираат во пролет и есен, влијанието на човекот е релативно мало. Меѓутоа, како што морето се повлекува, местата за одмор може да се префрлат на север, поблиску до населените области.
Секоја пролет, еколозите ја следат смртноста на фоките на полуостровот Тупкараган. Таму, бурите ги исфрлаат животните на брегот кои умреле во текот на зимата од различни причини.
Баимуканова вели дека од година во година наоѓаат фоки со поради механички повреди како на пример скршени вилици.
„Можеме само да шпекулираме, но можеби во зима, фоките се фатени под пропелерите на мразокршачите“, рече таа.
Неодамна, во казахстанскиот дел на Каспиското Море беше забележано уште едно масовно угинување. На крајот на октомври, 289 мртви фоки беа пронајдени долж брегот на провинцијата Мангистау. Причината за смртта допрва ќе се утврдува.
Слична трагедија во 2017 година, кога во Казахстан беа пронајдени 247 мртви фоки, ја натера Баимуканова сериозно да размисли да се откаже од својата работа.
„Тешко беше да се погледне. Секогаш ги гледате живи, фасцинантни и слатки. Но, тука гледате стотици исфрлени на брегот. Смрдеата на распаѓање е огромна“.
Нејзиниот татко, сега шеф на нејзината организација, ја поддржувал.
„Тој рече: „Ако сте навистина страсни за ова, треба да се навикнете не само на живите животни, туку и на мртвите. Затоа што треба да ги разберете причините“, вели научничката.
Казахстанската влада планира да формира природен резерват од 109.500 хектари во провинциите Мангистау и Атирау за да го заштити видот, да ги рехабилитира болните животни и да спроведе истражувања.
Баимуканова и нејзиниот тим се залагаат за проширување на оваа област и пред две години изработија детален план за зачувување на фоките, но тој уште не е усвоен од властите.
Достапноста е исто така клучен дел од нејзината работа. На нејзината страница на Инстаграм, Баимуканова споделува приказни за нејзините експедиции и фоките.
"Секој има свој карактер. На една фока воопшто не му се допаѓаше што земавме примероци од неа. Кога ја пуштивме, почна да не 'кара'", стоејќи во центарот на групата истражувачи и ржејќи. Не се смируваше се додека не се соочи со секој од нас. Потоа, се сврте кон морето, а јас почнав да се извинувам, обидувајќи се да го убедам да се врати во морето“, вели Баумуканова.
Таа се труди да не го изгуби оптимизмот и наоѓа позитивни работи дури и во тежината на експедициите.
„Ако е ладно, правам супа со пиперки. Носиме слатки и кафе. Не сакам баш слатко, но во такви услови, посакуваш, совршено е“, рече таа.
Баимуканова нагласува дека бреговите на Казахстан се од клучно значење за овие животни, а до 98 отсто одмараат таму во пролет и есен.
Затоа Казахстан има посебна одговорност за нивниот опстанок, заклучува таа.