Изгласани измени на законите за данок на добивка и додадена вредност

Пратениците ги изгласаа измените на законите за данок на добивка и за додадена вредност кои се дел од новата даночната реформа. Со неа беше предвидена повластената стапка од 5% за првиот промет на станбени згради и станови кои се користат за станбени цели во рок од 5 години од изградбата, ревидирање на примената на повластената стапка на ДДВ, односно се намалува стапката од 18% на 5% за прометот на менструални производи и ќе стартува примена на повластена стапка од 10% кај дел од прехранбените производи кои не претставуваа основен дел од исхраната.
Овие измени се во насока на креирање пооптимален даночен систем кој ќе обезбени повисоко ниво на праведност, ќе го поддржи економскиот раст и ќе овозможи понатамошно усогласување со ЕУ директивите. Исто така поддршка доби и Законот за данокот за солидарност, кој е насочен кон справување со последиците од енергетската и ценовната криза и средствата од него ќе бидат искористени за антикризни мерки, се вели во соопштението од Министерството за финансии.
Во него е посочено дека даночната реформа се темели на Стратегијата за даночна реформа 2021-2025 година, која Владата ја усвои на крајот од 2020 година.
„Поконкрентно со Предлог-законот за Данокот на додадена вредност се врши усогласување со Директивата на ЕУ по однос на местото на промет на услуги, воведување на концептот на даночен застапник и уредување на даночниот третман на прометот преку вредносни ваучери“,се вели во соопштението.
Во Собранието покрај овие две законски решенија, беше усвоен и Предлог-законот за Данокот на солидарност, кој не е дел од даночната реформа, туку станува збор за еднократно решение кое се воведува во вонредни услови, во услови на криза. Главната карактеристика на овој данок е што со него се обезбедуваат средства за справување со кризата.