Во ковид- центрите се лекуваат 105 пациенти, 37 од нив во Скопје
На болничко лекување на инфективните одделенија во земјава има вкупно 105 ковид-пациенти, од кои 37 се во Скопје, а 68 во другите градови. Поголем дел од нив се на кислородна поддршка. Има околу 530 празни болнички кревети, соопшти Министерството за здравство.
Во ковид-центрите во болниците низ земјава се лекуваат вкупно 68 пациенти позитивни и сомнителни на КОВИД-19 – во Битола се хоспитализирани четворица пациенти, во Штип и во Струга по пет, Тетово и Прилеп имаат по тројца пациенти, Велес и Охрид по шест, Куманово 18, Гостивар има осум, Струмица девет, Кичево еден, а во Кавадарци и Гевгелија нема хоспитализирани.
Министерството за здравство напомнува дека бројот е променлив зашто во текот на денот се прават исписи на пациенти и дека поради намалениот број болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид-пациенти.