САД ќе проверуваат дали талибанците ги исполнуваат договорените обврски
Администрацијата на новиот претседател на САД, Џо Бајден планира да го разгледа договорот постигнат со талибанците минатата година со цел да утврдат дали милитантната група ги исполнува своите обврски. Таквата најава доаѓа откако советникот за национална безбедност на Бајден, Џејк Саливан разговараше со неговиот авганистански колега Хамдулах Мохиб.
Според договорот меѓу САД и Талибанците, постигнат во февруари минатата година, сите странски сили треба да го напуштат Авганистан до мај 2021 година во замена за безбедносни гаранции од милитантната група, вклучително и прекинување на врските со Ал-Каеда.
Преговарачите на авганистанската влада и талибанците имаат застој во директните разговори во Катар за изнаоѓање на решение, поради растечкото насилство и повиците за прекин на огнот.
Нов бран насилство во Авганистан
Саливан истакнал дека новата администрација на Бајден, како што се наведува во соопштението, ќе го поддржи мировниот процес со силни и регионални дипломатски напори, кои ќе имаат за цел да им помогнат на двете страни да постигнат трајно и правично политичко решение и траен прекин на огнот.