ВМРО-ДПМНЕ ја повика ДКСК да го истражи имотот на пратеникот Каевски
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека во периодот додека Дарко Каевски бил директор на Агенцијата за млади и спорт, а сега пратеник, фирмата на неговиот татко Гео Каевски зема милионски тендери.
„Каевски да каже дали со пари од тендери тој и неговата фамилија се стекнале со огромен имот. Само во период од три години, односно 2018, 2019 и 2020 ГЕО КАЕВСКИ од тендери инкасирала над 18 милиони денари, односно 300 илјади евра“, велат од партијата.
Од опозициската партија додаваат дека според податоците од имотниот лист на Каевски тој се стекнал со стан во Скопје и дел од куќа.
„Дали функционерите на СДСМ лапаат државни пари преку фирмите на нивните родители и блиски роднини? Одговорност мора да има. Ја повикуваме ДКСК да ги испита случаите со стекнување на имот на Каевски и земањето тендери на фирмата на неговиот татко“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Каевски во 2017 година беше назначен за директор на Агенцијата за млади и спорт, а во 2020 година стана пратеник.