Техеран бара да не се објавуваат детали за нуклеарната програма
Иран ја повика Меѓународната агенција за атомска енергија да избегне објавување „непотребни“ детали за иранската нуклеарна програма, еден ден откако Германија, Франција и Велика Британија ја повикаа земјата да се откаже од последното планирано кршење на меѓународниот нуклеарен договор со големите сили, објавија локалните медиуми.
Иранскиот нуклеарен оддел побара од МААЕ да избегне објавување детали што може да доведат до забуна, се вели во извештајот на една локална ТВ станица.
На 16 јануари Германија, Франција и Велика Британија го повикаа Иран да се откаже од последното планирано кршење на меѓународниот нуклеарен договор со големите сили, наведувајќи дека Техеран нема веродостојна цивилна употреба на ураниум во форма на метали.
Иран „не брза“ САД да се вратат во Нуклеарниот договор од 2015
Меѓународната агенција во четвртокот соопшти дека Иран ја известил дека започнал да инсталира опрема за производство на ураниум во форма на метали. Потоа, МААЕ изјави дека Иран останува посветен на истражување и развој на производство на ураниум во метална форма, во согласност со „прокламираната цел за дизајнирање на подобрен вид на гориво“.
Ураниум во метална форма може да се искористи и за производство на атомска бомба, а истражувањето за неговото производство е специјално забрането со меѓународен договор меѓу Техеран и големите сили од 2015 година, со кој Иран се обврзува да го ограничи развојот на својата нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите.