Македонски производи ќе се продаваат во најголемиот ланец хипермаркети на Блискиот Исток
Вршителката на должност амбасадорка на Македонија во Катар, Елма Алторок потпишала вчера меморандум за соработка со Мохамед Алтхаф, директор на хипермаркетите Лулу. Станува збор за најголемиот ланец на хипермаркети на Блискиот Исток и еден од најголемите во Азија, со годишен приход од околу 7,4 милијарди долари, со кој ќе се промовира деловна соработка за увоз на земјоделски производи, месо, производи од месо, македонски ајвар и повеќе сорти сирење во Катар, соопшти Кабинетот на заменик претседателот на Владата за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Првите производи што ќе бидат извезени од Северна Македонија во Катар се овошје и зеленчук, јагнешко месо и месни производи, традиционален македонски ајвар, сорти на сирење и здрави прехрамбени производи. Директорот на хипермаркетите Лулу рече дека ова е првата можност за извоз на македонски производи во Катар.
Лулу хипермаркетите се дел од меѓународната групација Лулу (Lulu Group International), која поседува околу 195 објекти за малопродажба, вработува 57.000 лица, со годишен приход од околу 7,4 милијарди долари. Лулу хипермаркетите се најголем малопродажен ланец во земјите од Блискиот исток и еден од најголемите ланци во Азија