Филипче - нема потреба од дополнителни мерки
Досегашните мерки даваат резултати и нема потреба од дополнителни рестрикции кои би биле без значаен ефект, изјави министерот за здравство Венко Филипче по денешната средба со приелепскиот градоначалник Илија Јованоски кој деновиве го пренесе заклучокот на прилепскиот кризен штаб за дополнителни мерки за заштита.
„Вака димензионираните мерки со затворени угостителски објекти по 21 часот, забраната за групирање во целото деноноќие, постепено ја олабавуваат ситуацијата. Заедно заклучивме дека нема потреба од дополнителна рестрикција која не би имала некаков позначаен ефект од мерките кои сега се на сила. Практично, во сите земји во Европа, ваква комбинација даде резултат. Во таа смисла, како за Прилеп, така и за територијата на целата држава, и по вчерашниот состанок со Комисијата за заразни болести, засега не доаѓа предвид да се воведуваат дополнителни мерки“, изјави Филипче.
Што се однесува до епидемиолошката состојба во Прилеп, градот е во третината градови со благ пораст на новозаразените, но на национално ниво еднаков е бројот на заразените последните недели, а се намалува притисокот врз болниците и во прилепската, за прегледи. Но ситуацијата се следи со внимателност, поради непредвидливоста на вирусот, како и во светот.
Филипче оцени дека ситуацијата во прилепската болница одлично се менаџира, има пет ковид-оддели, а за почит е одзивот на матичните лекари да помогнат во Инфективното.