За СДСМ хистеричен е само Мицкоски
СДСМ преку соопштение реагира на обраќањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој денеска рече дека на бугарските политичари кои го нарекувале предводник на македонска хистерија им порачува дека како претседател на опозициската партија предводи македонска хистерија и немало да престане да ја шири таа македонска хистерија.
Хистерија по сите дефиниции е карактеристика на нервно растројство, реагираат од СДСМ.
„Откако призна за самиот себе си дека е хистеричен, Мицкоски ги навреди граѓаните, ги навреди Македонците, без срам и перде за хистеричен го прогласи целиот македонски народ. Тоа воопшто не е точно и Мицкоски е најсоодветно да се извини. Македонците не се хистеричен народ, хистеријата е само кај губитникот Мицкоски“, наведуваат од владејачката партија.
Мицкоски- овој викенд се „распарчува“ Македонија во Софија
Инаку ВМРО-ДПМНЕ денеска поради коракризата организираше протест со автомобили кој заврши пред зградата на Владата. Таму Мицкоски рече и дека имал информација „дека овој викенд се распарчува Македонија во Софија и се преговара за иднината на нашиот идентитет“.
Протетстите на опозицијата почнаа неделава по интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС кое предизвика силни политички и општествени реакции.